logo_odnasataucilnica
 

ОД НАШАТА УЧИЛНИЦА

 

ОГЛАСНА ТАБЛА

Петок, 29.8.2025г.

Потребен прибор за IV одделение (учебна 2025/2026)

ДРАГИ РОДИТЕЛИ!

      Да ја започнеме и оваа учебна година со првата лекција која можеме да им ја дадеме на нашите деца – за значењето на приборот за работа, начинот на кој купуваме нов прибор и за изборите што ги правиме.

     Користењето на она што веќе го имаме, наместо неговата постојана замена со ново, не е само практична и еколошка одлука – тоа е и воспитна лекција. На овој начин децата учат:

  • одговорност – да се грижат за предметите што ги користат;
  • рационалност и штедење – да го ценат секој лист хартија и секој предмет;
  • скромност – да разберат дека вредноста не лежи во новината, туку во употребливоста;
  • почит кон трудот и ресурсите – да знаат дека зад секоја тетратка стои исечено дрво и човечки труд;
  • еколошка свест – дека малите секојдневни избори директно придонесуваат за заштита на планетата.

     На тој начин, едноставниот избор да се искористи ланската тетратка или блок не само што штеди пари и ресурси, туку и гради карактер – дете кое ќе порасне во возрасен човек што знае да прави разумни, одговорни и одржливи избори.

     Кога станува збор за еколошкиот аспект на купувањето училишен прибор, еве еден значаен факт: за производство на еден тон хартија потребно е да се исечат околу 17 веќе развиени дрвја. Замислете колкава е штетата за природата ако секоја година се заменува целиот прибор од хартија – тетратки, блокови и друг материјал – со нов. Дополнително, се создава и огромна количина отпад од тетратки и прибор кои останале нецелосно употребени, а сепак се фрлаат.

     Затоа, на крајот од претходната учебна година им беше препорачано на учениците да го зачуваат приборот кој не е целосно потрошен, особено тетратките, и повторно да го користат оваа година. Сега е вистински момент да ги отвориме шкафчињата и кутиите со ланскиот прибор и да употребиме сè што е употребливо. Така ги учиме учениците да бидат одговорни кон она што го имаат, да научат да штедат, да го ценат трудот и ресурсите вложени во секој предмет и да не се срамат доколку нивниот прибор не е сосема нов. На крајот, сликата што ќе ја насликаат нема да биде поинаква ако боичките се лански наместо нови.

     При купување нов прибор кој е навистина потрошен, важно е тоа да се прави мудро – без претерување со количините и секогаш земајќи го предвид односот на ученикот кон приборот. Доколку знаеме дека тетратката лесно се кине или извиткува, подобро е да се избере поквалитетна која ќе трае подолго.

     Тетратките со квадратчиња кои се печатат локално и се продаваат во нашите продавници, го запазуваат стандардот на шема каде квадратчето има страна 0,5 цм што е важно при работата на часот по математика. Минатата учебна година имаше примери на тетратки каде квадратчињата беа помали и при цртањето и мерењето, на тие ученици им беше потешко да ги следат упатствата за работа и точно да ги извршуваат задачите. Исто така шемата со квадратчиња може да се користи аналогно на шемата на линии од тетратките за почетно пишување: еден ред квадратчиња мали букви, уште еден ред над него големи букви, редот со квадратчиња под малите букви за сите оние букви што се пишуваат со спуштање како д, ц, у, р, ј ...

     Ревидирајте ја футролата за прибор од минатата учебна година и дополнете: кај дрвените бои сина и црвена боја бидејќи учениците најмногу ги употребуваат и трошат, 2 пенкала кои пишуваат со сино мастило, 1 пенкало кое пишува со црна и 1 пенкало кое пишува со црвена боја 2 моливи – НВ, гума, острилка, ножички, лепак - стик и салотејп;

   МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК: тетратка со широки линии со тврди корици

   МАТЕМАТИКА: тетратка со квадратчиња со тврди корици, комплет линијари (ќе бидат потребни и за техничко образование и информатика)

   ПРИРОДНИ НАУКИ: голема тетратка со квадратчиња (не со правоаголници)

   ИСТОРИЈА И ОПШТЕСТВО: голема тетратка со квадратчиња (не со правоаголници), географска карта и нема карта на РМакедонија

   ТЕХНИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ И ИНФОРМАТИКА: мала тетратка со квадратчиња

   ЛИКОВНО ОБРАЗОВАНИЕ: 2 блока бр.3 (при купувањето да се внимава на големината, бојата и дебелината на листовите во блокот, да се купуваат блокови со еднаков формат), мрсни бои, водени бои, темперни бои, 2 четки една широка (сплосната) и една тенка, сад за вода, палета, пластелин и подлога (табличка), самолеплива хартија во боја, туш и перце, моливи НВ подлога за работа која се поставува на клупата (стара хартија, мушама или пластифицирана подлога)

     Приборот за ликовно образование ставете го во кутија која учениците ќе ја донесат во училиште на 3 септември (среда).

   МУЗИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ: мала тетратка со квадратчиња и блокче со петолиние

   ФИЗИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ: патики и бела маичка

Потребните МАТЕРИЈАЛИ ЗА РАБОТА 2025-2026 година можете да ги преземете и испечатите тука

4.6.2025

Модна ревија во ретро стил – времеплов низ модата на XX век

 Крајот на учебната година е одлична можност за организирање на креативни и несекојдневни активности преку кои учениците можат да ја изразат својата оригиналност и самодоверба.

 Токму таква беше и модната ревија во ретро стил, организирана од наставниците и учениците повеќе...

2.6.2025

Во посета на нашето подрачно училиште во населба Рача

 Водени од убавите впечатоци од еднодневната екскурзија во Скопје, каде што учениците од трето одделение се зближија со врсниците од подрачното училиште, се организира повторна средба – овојпат со учениците од Рача како домаќини.

 При пристигнувањето, гостите беа топло пречекани од учениците и наставниците повеќе...

23.5.2025

Еднодневна екскурзија во Скопје

 Патувањето започна навреме, според планираната агенда. Во Скопје пристигнавме околу 11:15 часот, подготвени за исполнет и едукативен ден.

 Првата станица беше Зоолошката градина, каде учениците имаа можност одблиску да ги набљудуваат животните повеќе...

Заокружување на броевите на полна десетка

Лентата со броеви е одлична алатка со која учениците од прво и второ одделение можат да ги усвојат броевите до 100. Работниот лист од кој можете да ја изработите лентата ќе го најдете на линкот во описот на видеото

Лента со броеви до 100

Лентата со броеви е одлична алатка со која учениците од прво и второ одделение можат да ги усвојат броевите до 100. Работниот лист од кој можете да ја изработите лентата ќе го најдете на линкот во описот на видеото

Единици и десетки - едноцифрени и двоцифрени броеви

Примена на арапските цирфи и начинот на кој пишуваме со нив. Декадниот или десетичен систем кој го употребуваме при пишувањето на броевите подразбира позиционо подредување на цифрите при што во 1 десетка се содржат 10 единици (1Д=10Е) Работниот лист може да го најдете на линкот

Активностите од претходните учебни години

ќе ги најдете на страницата АРХИВА

РАСПОРЕД ЗА ЅВОНЕЊЕ

schedule-of-classes-raspored-na-casovi

Претпладне:
07:30 - 08:10
08:15 - 08:55
09:20 - 10:00
10:05 - 10:45
10:50 - 11:30
11:35 - 12:15

Попладне:
13:30 - 14:10
14:15 - 14:55
15:20 - 16:00
16:05 - 16:45
16:50 - 17:30
17:35 - 18:15

 

КОДЕКС НА ОДНЕСУВАЊЕ НА УЧЕНИЦИТЕ

school-rules-kodeks-na-odnesuvanje
1. УЧЕНИЦИТЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНО ДА ЈА НОСАТ УЧЕНИЧКАТА УНИФОРМА И ДА СЕ ПРИСТОЈНО ПОТСТРИЖЕНИ
2. УЧЕНИЦИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ ВО УЧИЛИШТЕ ОКОЛУ 15 МИНУТИ ПРЕД ЗАПОЧНУВАЊЕТО НА ЧАСОВИТЕ
3. ЗА ВРЕМЕ НА МАЛИТЕ ОДМОРИ УЧЕНИЦИТЕ НЕ ТРЕБА ДА ЈА НАПУШТААТ УЧИЛИШНАТА ЗГРАДА БЕЗ ПОСЕБНА ПОТРЕБА
4. НЕ НАПУШТАЈТЕ ГО УЧИЛИШНИОТ ДВОР ЗА ВРЕМЕ НА ГОЛЕМИОТ ОДМОР И ДРУГИ ПРЕКИНИ НА НАСТАВАТА
5. ВАШЕТО ДОЦНЕЊЕ НА ЧАСОТ ЌЕ БИДЕ ЕВИДЕНТИРАНО И САНКЦИОНИРАНО
6. УЧЕНИЦИТЕ ТРЕБА НАВРЕМЕ ДА ГО ОПРАВДААТ СВОЕТО ОТСУСТВО ОД ЧАСОВИТЕ СО МЕДИЦИНСКА БЕЛЕШКА И РОДИТЕЛ
7. ДЕЖУРНИТЕ УЧЕНИЦИ ТРЕБА СОВЕСНО И НАВРЕМЕНО ДА ГИ ИЗВРШУВААТ СВОИТЕ ОБВРСКИ
8. УЧЕНИЦИТЕ НАВРЕМЕНО ТРЕБА ДА ГИ ПРИЈАВУВААТ ПРОБЛЕМИТЕ КАЈ ДЕЖУРНИТЕ НАСТАВНИЦИ, ОДДЕЛЕНСКИ РАКОВОДИТЕЛИ ИЛИ СТРУЧНАТА СЛУЖБА прочитај повеќе...
ПОЧИТУВАЊЕТО НА КОДЕКСОТ НА ОДНЕСУВАЊЕ ПРИДОНЕСУВА ЗА ПОДОБАР УЧИЛИШЕН АМБИЕНТ

РАСПОРЕД НА ЧАСОВИ

за учебната 2025/2026 година
IV 3 одделение

ПОНЕДЕЛНИК

1.Математика
2.Физичко образование
3.Англиски јазик
4.Македонски јазик
5.Историја и општество
6.Одделенски час

ВТОРНИК

1.Физичко образование
2.Математика
3.Слободен изборен предмет
4.Македонски јазик
5.Природни науки
6.Музичко образование

СРЕДА

1.Историја и општество
2.Ликовно образование
3.Математика
4.Англиски јазик
5.Македонски јазик

ЧЕТВРТОК

1.Природни науки
2.Македонски јазик
3.Математика
4.Физичко образование
5.Слободен изборен предмет

ПЕТОК

1.Математика
2.Англиски јазик
3.Македонски јазик
4.Техничко образование

ВИДЕО КАТЧЕ

Останатите видеа погледнете ги во видеогалеријата.

Браво за најхрабрите! Ве покануваме да учествувате во предизвикот. Снимете свое видео како читате, раскажувате, презентирате!

Видеата се oбјавуваат по редослед по кој пристигнуваат во нашето садаче.