Петок, 23.5.2025
Еднодневна екскурзија во Скопје
Патувањето започна навреме, според планираната агенда. Во Скопје пристигнавме околу 11:15 часот, подготвени за исполнет и едукативен ден.
Првата станица беше Зоолошката градина, каде учениците имаа можност одблиску да ги набљудуваат животните за кои претходно учеа во наставата по природни науки. Дознаа повеќе за нивните живеалишта, навики, исхрана и степен на загрозеност. Оваа посета придонесе за развој на еколошката свест и чувство на одговорност кон животната средина.
Потоа го посетивме Природонаучниот музеј, каде учениците беа воодушевени од изложените фосили, минерали, инсекти, птици и препарирани животни. Преку визуелната и интерактивна поставка, добија подлабоко разбирање за биодиверзитетот, геолошките процеси и еволуцијата. Наставниците ги охрабруваа учениците да поставуваат прашања и активно да учествуваат во разговорите со кустосите.
Следната дестинација беше црквата „Свети Спас“, каде се наоѓа гробот на великанот Гоце Делчев, што кај учениците предизвика чувство на почит, гордост и љубов кон татковината.
Прошетката продолжи низ Старата скопска чаршија, каде учениците имаа можност да го почувствуваат духот на некогашниот градски живот, занаетчиството и трговијата. Преку Камениот мост, симболот на поврзување на минатото и сегашноста, пристигнавме до ресторанот „Национал“, каде следеше пауза за ручек. Учениците беа услужени навреме, храната беше топла и вкусна, а паузата овозможи освежување и одмор пред продолжување на турата.
По ручекот, пешачевме покрај Триумфалната капија, Спомен-куќата на Мајка Тереза и Плоштадот Македонија упатувајќи се кон автобусите, спремни за враќање во Охрид. Оваа еднодневна екскурзија остави длабок впечаток кај сите учесници што секогаш ќе буди пријатни спомени за ова патување.
Албумот можете да го погледнете тука

