logo_odnasataucilnica
 

ОД НАШАТА УЧИЛНИЦА

 

Петок, 30.8.2024г.

Потребен прибор за III одделение (учебна 2024/2025)

ДРАГИ УЧЕНИЦИ И РОДИТЕЛИ!

      Дали знаете дека и при подготовката на приборот за оваа учебна година можеме да влијаеме во заштитата на животната околина и заштита на нашата планета? Еве само еден факт поврзан со тетратките, блоковите и сиот прибор изработен од хартија кој треба да се фрли и да се замени со нов. Дали знаете дека за производство на еден тон хартија потребно е да се исечат околу 17 веќе развиени дрвја? А да не зборуваме за количините на отпадот кој се создава од нецелосно употребениот прибор, кој се фрла и заменува со нов.

     На крајот од претходната учебна година на учениците им беше препорачано приборот кој не е целосно употребен (особено тетратките) да се зачува и истиот да се користи и оваа учебна година. Па затоа отворете го шкафчето и кутијата со прибор од претходната учебна година и употребете се што може да се употреби. Да ги научиме учениците одговорно да се однесуваат кон нештата што ги имаат, да научат рационално да ги користат, да научат да штедат и да не се срамат бидејќи нивниот прибор не е нов туку е ланскиот и се уште може да се користи. Сликата која ќе ја насликаме нема да се разликува според тоа дали водените бои се лански или се нови.

     При купување на приборот кој е потрошен, купувајте мудро. Не претерувајте со количините и секогаш земете го во предвид односот на ученикот кон приборот - дали ќе ги извитка и искине кориците на тетратката после неколку ставања и вадења од ранец и какви тетратки подобро ќе му служат.

     Тетратките со квадратчиња кои се печатат локално и се продаваат во нашите продавници, го запазуваат стандардот на шема каде квадратчето има страна 0,5 цм што е важно при работата на часот по математика. Минатата учебна година имаше примери на тетратки каде квадратчињата беа помали и при цртањето и мерењето, на тие ученици им беше потешко да ги следат упатствата за работа и точно да ги извршуваат задачите. Исто така шемата со квадратчиња може да се користи аналогно на шемата на линии од тетратките за почетно пишување: еден ред квадратчиња мали букви, уште еден ред над него големи букви, редот со квадратчиња под малите букви за сите оние букви што се пишуваат со спуштање како д, ц, у, р, ј ...

   Македонски јазик:

- заради запазување на ракописот учебната година ќе ја започнеме со тетратка за почетно пишување, (препорачаната шема на линии во тетратката ќе им помогне на учениците да се потсетат на буквите, да ја негуваат вештината на пишување и да обликуваат убав ракопис);

- тетратка за диктат - тетратка за почетно пишување

- тетратка за лектира (со тврди корици и квадратчиња) која ќе се користи и наредните две учебни години

- голема тетратка - А4 формат без линии

   Математика:

- мала тетратка со квадратчиња

- мала тетратка без линии

- комплет линијари

- математички семафор

   Природни науки и општество (не со правоаголници): 

- една голема тетратка - А4 формат со квадратчиња

- нема карта (општество)

   Футрола за прибор со комплет дрвени бои и фломастери, 2 моливи – НВ, гума, острилка, ножички, лепак - стик и салотејп;

   Музичко образование:

- мала тетратка со квадратчиња

- блок со петолинија

   Ликовно образование:

- подлога за работа која се поставува на клупата (стара хартија, мушама или пластифицирана подлога)

- 2 блока за цртање број 3 (при купувањето да се внимава на големината, бојата и дебелината на листовите во блокот, да се купуваат блокови со еднаков формат)

- пастелни бои, водени бои, темперни бои, 2 четки една широка (сплосната) и една тенка

- самолеплива хартија во боја,

- пластелин и подлога (табличка)

- туш и перце

     Земете ја кутијата од претходната учебна година, направете корекции, украсете ја со украсна хартија и ставете го приборот по ликовно образование во неа. Направете список со материјалите кои се во кутијата и залепете го на капакот на внатрешната страна од кутијата. Кутијата ќе стои во шкафчето од ученикот. Подлогата за работа која се поставува на клупата ако е пластифицирана не може да стои во кутијата, таа ќе стои во шкафчето; кутијата со прибор учениците ќе ја донесат во училиште на 3 септември (вторник).

      Препорака: Потпишете го секое парче од приборот - залепете налепници, залепете лентички, употребете маркер или лак за нокти - во зависност што треба да означите. Ако користите лак за нокти - земете специфична боја која ученикот лесно ќе ја препознае како своја за да може лесно да го препознае приборот кој е негов. Учениците вклучете ги во процесот на подготовката на приборот и материјалите за да може понатаму самостојно да се подготвуваат за во училиште.

 

Архива