logo_odnasataucilnica
 

ОД НАШАТА УЧИЛНИЦА

 

12.11.2024

Отворен час со авторката Маја Мојсова

   Со гостувањето на младата авторка, поетесата Маја Мојсова, на отворен час во нашето одделение, го заокружуваме месецот на книгата со пораката на авторката – книгата ќе постои се додека постои светот и она што можеме да го направиме за себе е што повеќе да читаме!

   Иако Маја Мојсова е автор на повеќе збирки песни и раскази за возрасни, на иницијатива на претседателот на нашето III3 одделение Теа Аслимоска, со задоволство се согласи да гостува во нашата паралелка и да ја доближи својата страст кон пишаниот збор до учениците преку различни активности.

   Ги запозна учениците со своите принципи кои се однесуваат на читањето книги, а потоа преку игра во која им даде случајно избрани зборови ги поттикна и мотивира самостојно да творат и создаваат.

   Интересно беше да се слушнат прашањата на учениците за тоа како започнала да пишува, што ја инспирира и колку книги има напишано при што авторката ги презентираше книгите од својот опус, а исто така и ни прочита еден краток расказ од својата збирка кратки раскази кој најмногу може да се доближи на возраста на учениците.

   Сите заедно ја слушавме песничката „Со балон низ цел свет“ од фестивалчето „Распеано рибарче“ 2024г. за која гостинката го има напишано текстот, а учениците од нашето одделение кои учествуваа на фестивалчето ни ја разубавија песничката придружувајќи ја со танцување.

   На крајот од часот, претседателот на нашето одделение и подари на авторката рачно изработена книга со мудри мисли кажани за книгата, која ја подготви во соработка со соучениците од одделението. Книгата ќе биде убав спомен за ова гостување кое се надеваме дека во иднина ќе се случи повторно!

     Албумот можете да го погледнете тука

   

Архива